Во рамките на долгогодишниот уметнички проект „Татковина – Споменик на слободата“ на визуелната уметница Елена Чемерска, кој има за цел физички и значенски да се ревитализира Споменикот на слободата во Кочани и да се реактивира неговиот еманципаторски потенцијал за локалната заедница, се објавува отворен повик за учество во работилнницата „Лета, лета Локубија”.
Во рамките на овој проект, предвидена е дводневна работилница во период од еден месец за изработка на летала од рециклирани материјали од Градската депонија во Кочани, врз основа на цртежи на децата учесници во работилницата, инспирирани од мозаичните фризови на Споменикот на слободата.
Поттикната од приказните на членови на различни генерации од локалната заедница, врзани со неформалната традиција на летање на змејови на Споменикот на слободата, а имајќи ја предвид неговата географска позиција во однос на градот, оваа работилница е наменета за сите деца кои живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани и пошироко на возраст од 6 до 12 години и кои се љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање. Особено се охрабрува учеството на децата Роми кои живеат во подрачјето на ридот Локубија, но и пошироко.
Работилницата ќе се одржи во две фази, и тоа:
Двочасовна детска ликовна работилница во организација на визуелните уметници Доротеј Нешовски и Елена Чемерска, на Споменикот на слободата, која ќе се одржи на 30 јуни 2022 година. За време на работилницата, децата ќе имаат можност подобро да се запознаат со приказната за Споменикот на слободата, а потоа, на основа на стекнатите впечатоци, да изработат цртежи и колажи во различни техники кои би можеле да бидат инспирирани од искуството со споменикот. Потребните материјали во текот на двете фази на работилницата ќе бидат однапред обезбедени.
Во периодот помеѓу првата и втората фаза на работилницата, во организација на „Лета, лета Локубија”, ќе биде направена адаптација на детските цртежи изработени во рамките на ликовната работилница во прототипи за изработка на летала змејови. Вака адаптираните цртежи ќе бидат отпечатени на рециклиран материјал соодветен за летање, добиен од локалниот отпад во соработка со Комуналното јавно претпријатие од Кочани. Добиените платна ќе ја претставуваат основата за вториот дел од работилницата.
Вториот дел од работилницата подразбира соработка со професионален произведувач на летала, со чија помош децата учесници во работилницата ќе имаат шанса своерачно да ги комплетираат леталата произлезени од нивните цртежи, а потоа и да ги полетаат.
Во рамките на овој дел од работилницата, децата учесници ќе можат да научат сѐ што е потребно за техниката на моделирање и изведба на змејови. Дополнително, тие ќе бидат запознаени и со основните концепти на рециклирачката пракса користена во добивањето на материјалот од кој се изработени змејовите создани во рамките на оваа работилница.
На крајот на работилницата, секое дете ќе го добие на подарок своето летало, кое нетрпеливо ќе чека до својот следен лет над Локубија.
Споменикот на слободата во Кочани е подигнат на ридот Локубија над самиот град во 1981 година, во чест на 40-годишнината од НОБ, светската победа над фашизмот и формирањето на македонската држава. Тој е дело на уметникот Глигор Чемерски и на архитектот Радован Раѓеновиќ и претставува монументален комплекс во кој е инкорпорирана сцена и амфитеатар. Замислен е како отворен простор кој ќе биде населен и користен од заедницата и ќе ја приближи уметноста до секој поединец во неа. Во својата ликовно-архитектонска програма, тој ја разбира слободата како состојба на постојана револуција, вклучувајќи ја тука и уметноста. Една од поентите на ова ова уметничко дело е низ комуникацијата со заедницата којашто го населува да инспирира револуција и во секојдневниот живот.
Во 1982 година е прогласен за културно наследство од прв ред.
Активноста е реализирана во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Заинтересираните за учество во проектот „Лета, лета Локубија“ може да се пријават на е-адресата: ecemerska@yahoo.com , на 071 681 889 или преку фејсбук-страницата Лета лета Локубија.