Откриена спомен биста на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев

Со откривање на спомен биста на патронот во ОУ „Никола Карев“, во Кочани почна одбележувањето на 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста на која присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, беше нагласено дека по три децении од преименувањето, училиштето добива соодветно спомен обележје што ќе го краси училишниот двор.

– Во 1993 година нашето училиште се одделило од друго основно училиште со кое заеднички носеле име на револуционер од југословенското минато. Во таа учебна година го добило сегашното име и имало многу време и простор да се постави обележје на патронот, но токму денеска, нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.

Пред спомен бистата свежо цвеќе положија делегации од училиштето, градоначалникот и Советот на Општина Кочани, Сојузот на борците, Патриотски институт „Гоце Делчев“, пратеници и партиска делегација од ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Кочани. Претходно, свежо цвеќе беше положено и пред споменикот на Никола Карев во Паркот на револуцијата.

Делегациите положија свежо цвеќе и пред споменикот на Карев кај селото Тркање како и во месноста Свиланово на местото на неговото загинување, во близина на селото Рајчани.

И.Матеничарски

Сподели: