ОУ „Малина Попиванова“ ги започнува проектните активности во рамки на Еразмус + програмата

ОУ „Малина Попиванова“ – Кочани ги започнува активностите во рамки на проектите добиени  од Еразмус + програмата.

Станува збор за два Еразмус + проекти, од кои на едниот кочанското основно училиште  е партнер на ромската невладина организација „Авена“ – Кочани, додека на другиот проект е носител, во соработка со невладината организација „Еко логик“ од Скопје.

-Училиштето „Малина Попиванова“ доби два проекти од Еразмус + програмата. Станува збор за проект кој има за цел да спречи раното напуштање на основното образование на децата Роми. Проектот се состои од два дела, првиот дел е спремање на наставни материјали за часови, а вториот дел е подготовка на онлајн платформа со веќе готови проблематики и нивно решавање. Целта е да се превенира рано напуштање на образованието од страна на учениците Роми. Платформата ќе биде подготвена од страна на психолози и педагози, додека наставните материјали ќе бидат  подготвени  од страна на наставниците од нашето училиште и партнерски училишта  од Грција и Бугарија, рече Сања Михаилова, наставник по Англиски јазик  и координатор на проектите.

Проектите имаат меѓународен каракатер и се реализираат со партнерски училишта од земји од регионот.

„Вториот проект во кои училиштето „Малина Попиванова“ е носител е со наслов  „Цели за одржлив развој за ученици“. Во него сме партнери со училишта  од Хрватска и Бугарија. Во овој проект се подготвуваат наставни материјали и онлајн платформа преку која се дефинирани 17 цели за одржлив развој на ученици и истите ќе се применуваат во училиштата.  Материјалите ги спремаат наставници и ќе бидат работени со ученици од сите партнерски училишта, додаде Михаилова.

Поради пандемијата со Ковид – 19 проектните активности се реализираат онлајн. Во соработка со сите вклучени партнери ќе се организираат дополнителни обуки и тренинзи согласно целите на проектите заради споделување на искуства и постигнување на посакуваните резултати.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: