По неколкуте одложувања на ридско-брзинските трки на Пониква, викендов (31-ви октомври и 1-ви ноември ) официјално продолжува ридско-брзинскиот шампионат во автомобилизам на Македонија.
На патеката кон Пониква се очекува да настапат околу 30 натпреварувачи од Македонија, но и гости од странство.
Како што информираше Ранко Станојковски од Автомобилистичката федерација на Македонија, обезбедени се сите потребни дозволи за одржување на трките. За в сабота (31-ви октомври,) од 12:00ч ќе се вози тренинг сесија кога натпреварувачите ќе ја запознаат патеката, додека официјалниот дел е закажан за в недела (1-ви ноември) точно напладне.
Се уште неизвесно е дали на патеката кон „Пониква“ ќе се возат планираните две трки, или само една бидејки како што соопштија од Автомобилистичката федерација на Македонија, се зависи од бројот на пријавени натпреварувачи кој точно ќе се знае в петок.
Стартот на трката е планиран од Градската депонија, на патека долга 5,91 километар, со крајна цел кај месноста „Пашаџиково“.
На ридско-брзинската трка на патеката „Пониква“ учество ќе земе и Дејан Манасиев од Кочани, кој со своето Renault Clio ќе се натпреварува во категоријата Е1 до 2000 кубни сантиметри.
Трката е во организација на клубовите „Про Спорт“ и АКК„Перформанс“-Скопје, со поддршка на Автомобилистичката федерација на Македонија.
За време на трките патниот правец кон СРЦ Пониква ќе биде затворен за сообраќај.
И. Матеничарски