ОФС Кочани не избра делегати по терк на ФФМ, го бојкотираа Собранието

Општинскиот фудбалски сојуз на Кочани ѝ го сврте грбот на актуелната власт на ФФМ откако повеќето делегати ја бојкотираа седницата на Собранието.

Денес во Кочани беше закажано Генерално изборно собрание, а досегашниот Претседател на ОФС – Кочани Љубчо Ѓорѓиевски кој беше единтвен кандидат за нов мандат, ја повлече кандидатурата.

На седницата присуствувале тројца функционери на ФФМ, потпретседателот Лазар Ракиџиев, членот на УО Димитар Џонов, како и Владимир Гашевски, но наместо да го добијат тоа што го сакаат наишле на отпор од општинските делегати.

Вкупно 20 од 28 делагати на ОФС Кочани ја бојкотираа седницата на собранието на оваа членка на ФФМ која е прва од 26. членки која им го врти грбот на актуелните фудбалски власти.

Во салата останале преостанатите осум делегати, но тоа не било доволно да се обезбеди кворум за работа. Функционерите на ФФМ се обиделе да присоберат луѓе, спортски работници од градот за да дојдат до минималниот кворум, но не успеале.

Во пресрет на Изборното Собрание на ФФМ повторно се актуелизираше и војната меѓу Агенцијата за млади и спорт и Фудбалската федерација на Македонија.

АМС бара ФФМ да го усогласи статутот на федерацијата со Законот за Спорт според кој делегатитие ќе доаѓаат директно од клубовите, а не како досега преку општинските фудбалски сојузи да се штелуваат по желба на фудбалските власти.

Извор: Sport1.mk

Сподели: