Пропаднати и целосно оштетени сливни решетки е секојдневие на кочанските улици, реагираат учесници во сообраќајот до интернет-порталот „Гласно“.
Возачите посочуваат дека на најголем дел од градските улици во Кочани, сливните решетки се оштетени и пропаднати. Поплаките одат до таму што честопати од оштетените решетки страдаат автомобилските гуми, па дури и посериозни оштетувања на предниот дел од возилата. Сериозноста на проблемот оди до таму што освен сливните решетки, речиси и да нема улица во градот каде канализациските шахти се целосно или делумно оштетени.
Од локалната самоуправа на Општина Кочани информираат дека проблемот со сливните решетки е воочен од надлежните. Поради тоа во процес е постепена замена на сливните решетки со нови, од поиздржлив масивен метал, за што на тендер е избрана и фирма изведувач.
-Дел од старите сливни решетки времено и по потреба ги санираат екипи од КЈП „Водовод“. Во процес сме на постепена замена на сливните решетки со нови, од поквалитетен масивен метал, што се покажаа за доста квалитетни и издржливи. За нивно поставување и одржување избрана е фирма изведувач на тендер. Вакви решетки веќе се поставени и се поставуваат на булеварот „Тодосија Паунов“ и на други улици во градот и се со подобар квалитет за разлика од претходните, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.
Иако сливните решетки честопати се санираат, за краток период истите повторно се оштетени реагираат возачите, што всушност и ја наметнува потребата за нивна замена со решетки од поквалитетен материјал.
Граѓаните и возачите кои ќе воочат оштетени сливни решетки или канализациски шахти истите може да ги пријават кај надлежните служби во општината со цел нивна навремена санација.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов