Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кочани Љупчо Папазов и директорот на КЈП „Водовод“, Иван Иванов денеска извршија увид во градежните работи на три капитални проекти што ги реализира локалната самоуправа на Општина Кочани.
Мицкоски најпрвин го посети селото Тркање каде во моментот течат градежни активности за изградбата на колекторот и секундарната канализациона мрежа, проект со кој значително ќе се подобри животот и функционирањето на жителите од кочанското населено место.
Во продолжение на посетата Мицкоски и Папазов извршија увид во градежните работи на ул „Роза Петрова“ каде целосно е променета асфалтната подлога, а во моментот се работи на тротоарско уредување на улицата со цел да се обезбеди модерна и безбедна улица за учесниците во сообраќајот.
На локалниот пат помеѓу селата Грдовци и Прибчево во моментот течат активностите за замена на потисниот цевковод од пумпната станица во Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станица од водоводниот систем во должина од 2,2 километри, проект кој се реализира со средства 44,6 милиони денари обезбедени од Владата на Р. Македонија.
-Во моментов се наоѓаме кај најбитниот проект кој се реализира, тоа е замена на главниот потисен цевковод, со кој се снабдува градот со вода за пиење. Проектот се реализира во должина од 2 километри со тоа ги решаваме проблемите со водоснабдување кои долги години се детектирани на овој потег. Го менуваме цевководот кој е изграден далечната 73-та година, а останува уште еден дел од главниот цевковод кој е во должина од пет километри за во наредниот период, за којшто имаме изготвено проект да го довршиме и реализираме, и да го завршиме комплетно проблемот со водоснабдувањето во Кочани, истакна Папазов.
Во изјава за медиумите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека е задоволен од динамиката на реализација на проектите од страна на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ при што додаде дека очекува реализација и на проекти предвидени во предизборната програма на градоначалниците.
-Денеска извршивме увид на три клучни проекти за општина Кочани, првиот е дел од фекалната канализација за село Тркање, која треба да се приклучи на колекторот во село Мојанци, потоа завршните работи на улицата „Роза Петрова“ во градот и овде во Грдовци каде се заменува цевководот кој секористи за водоснабдување на градот Кочани. Проектите значително ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните на Кочани и ценам дека она коешто сме го ветиле и она за коешто сме се обврзале, но и она што е корисно за граѓаните и она што градоначалниците го наследиле од нивните претходници ќе го довршиме и ќе го надградиме со нови проекти со кои се претставивме во кампањата на локалните избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски при посетата на Кочани.
Видео изјава со клик ОВДЕ.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов