Папазов: Кочани знае да ја цени уметноста, да ја негуваме и одржиме традицијата на ДАФ

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на отворањето на 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал во својот поздравен говор ја истакна важноста на негувањето на драмскиот аматеризам во Кочани, негувањето на уметноста и историјата на самиот фестивал.

– Годинава, 2024, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на првоборците на кои им ја должиме слободата, Раде Кратовче и Љупчо Сантов, 100 години од раѓањето на големиот уметник Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во првата година од седмата деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја од овој настан. Ако беше лесна организацијата на ваков настан да знаете дека ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата, истакна Папазов.

Градоначалникот додаде дека на годинешниот репертоар се чувствува мала празнина бидејки нема претстава на глумци од Кочани.

– Во репертоарот на овогодинешниот фестивал, чувствувам една мала празнина. Немаме матична претстава од нашиот град. Затоа упатувам апел до академската, театарска и драмска фела која успешно ги гради своите кариери на сцените низ нашата Македонија, да фрлат по еден мал поглед од своите очи на сцената на која ги направиле првите чекори. Да не дозволиме да нема можност, дали ревијално или натпреварувачки кочанчани да не бидат застапени на сцената на фестивалот, истакна Папазов.

– Апел до професорот Доне Донев, учесник на многу претстави на оваа сцена, во оваа ера на дигитална трансформација и можности да ја разлистаме архивата 61 година наназад, да го отргнеме од заборавот овој историски период да ги зачуваме сите учесници, да оддадеме признание на сите кои имале можност да го видат овој фестивал. Затоа професоре, она што го започна Киро Герасимов со неколку изданија, со архивите од театарските претстави да го довршиме како генерациска должност, рече градоначалникот Папазов.

– Сакам да упатам порака и до Министерката за култура во заминување, и на министерот кој доаѓа, да имаат повеќе разбирање и почит кон фестивалот. Не во делот на финансиските можнсти, туку во делот на инфраструктурата и  логистиката за да можеме како Кочани да се носиме со обврските кои произлегуваат од фестивалот.

Градоначалникот Папазов упати и  благодарност до општествено одговорните компании кои и оваа година имаа разбирање и слух да дадат своја поддршка во делот на организацијата и поддршка во делот на финансирањето на организирањето.

– Сакам да ветам од овде, од името на Општина Кочани секогаш ќе имаме слух да го поддржиме овој долгогодишен настан и во рамки на можностите да го финансираме фестивалот, од парите на вас граѓаните и да ја продолжиме традицијата, заврши Папазов.

Сподели: