Тесни сообраќајници кои половина се паркинг простор, сообраќаен хаос, непрописно паркирани возила, метеж во сообраќајот и безредие е секојдневната слика низ централните градски улици во Кочани.
Со едвај 231 регистрирано место за платен паркинг во централното градско подрачје на Кочани е тешко да се дојде до слободно место за паркирање. Самото тоа доведува до поголем сообраќаен метеж и парализиран сообраќај во градот.
Недостигот на паркинг места честопати ги принудува возачите да паркираат непрописно, а наспроти тоа, полицијата приморана да казнува. Од почетокот на година досега за сторен сообраќаен прекршок „непрописно паркирање“ санкционирани се 106 возачи, информираат од СВР Штип, претежно во последните две недели кога полицијата вршеше засилени акциски контроли.
За проблемот со паркинг просторот во Кочани став побаравме и од градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев. Тој истакна дека недостигот на простор за паркирање е современ проблем на урбаното живеење и произлегува од зголемувањето на бројот на возилата, ненавременото планирање на просторот и навиките на граѓаните, кои настојуваат да ги користат возилата до нивната крајна цел.
Изградбата на најавуваната катна гаража со која би требало да се реши проблемот со паркирањето на возилата очигледно нема да се случи годинава, со оглед на фактот дека измените на Деталниот урбанистички план за Градска четврт 6 се во фаза на изработка.
– Како раководство на Општина Кочани, уште од почетокот на мандатот работиме на овој проблем, кој во централното градско подрачје може да биде решен со катна гаража со капацитет од 150 до 200 возила. Сметаме дека најсоодветна локација, според законската регулатива и можностите на терен, е поранешната локација на Пожарната и на дел од административната зграда на КЈП „Водовод“, на улицата „Димитар Влахов“, истакна Илијев.
Илијев додаде дека со измените на Деталниот урбанистички план за Градска четврт 6, планирана е изградба на катна гаража со две нивоа на земја и две нивоа под земја, со што се смета дека ќе биде надминат проблемот со паркирањето во централното градско подрачје.
Освен во центарот на градот, проблемот со недостаток на паркинг простор се јавува и на главните и на споредните улици во Кочани.
Од Општина Кочани информираат дека ќе се бара стручна фирма која ќе изработи сообраќаен проект со кој ќе бидат понудени нови сообраќајни решенија за еднонасочни улици, наизменично паркирање и сл. Сето тоа ќе помине првин во дебата со граѓаните, по што ќе се усогласат потребите и желбите со можностите, финансиите и законските прописи.
Од друга страна, користењето на алтернативен превоз, како велосипед или Градски превоз е неатрактивно, пред се поради недостаток на соодветна инфраструктура, но и поради навиките на граѓаните да користат автомобил.
Проблемот со недостаток на паркинг простор во Кочани се провелкува низ годините. Потребна е поголема ангажираност од надлежните преку изнаоѓање на соодветни сообраќајни решенија и нивно спроведување. Дотогаш, на возачите не им преостанува ништо друго освен да имаат малку трпение и повеќе среќа.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов