Одговор на прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Кочани, одржана на 31.1.2020 година:
Почитувани партиски лица,
Пред да почнете да говорите на одредена тема, можете ли да си одговорите самите на себе, од која позиција го правите тоа?! Какви стручни компетенции поседувате за да коментирате сообраќајни проекти?!Партиско-историски?!
Имавте десет години да реализирате идеални сообраќајни решенија, но во сообраќајот во Кочани создадовте хаос поради партискиот алчен и калкулантски однос кон парите на граѓаните.
Со сообраќајот во Кочани не смее да се импровизира. Она што вашите сопартијци го оставиле како проектна документација за изградба на кружен тек е чиста импровизација. Буџетот на Општина Кочани нема отповеќе пари за да се гради кружен тек, без да се среди, односно да се изврши експропријација на „Ленинова“ односно „Стево Теодосиевски“. Новите сообраќајни решенија ќе се реализираат, за да може Кочани да добие урбан лик и ред во сообраќајот.
Против аерозагадувањето, сите добро знаеме како се справувавте вие, без ниту една преземана мерка. Повеќе ви годеше да оставите споменик пред Општината во форма на полнач на електромобили, притоа да го преплатите од парите на граѓаните, додека во непосредна близина на него, други компании го поставуваа бесплатно!
Со стари проекти и половични „решенија“ само ја покажувате вашата безидејност и силна спрега за враќање кон минатото. Граѓаните не сакаат враќање назад, не сакаат некој повторно да ги злоупотребува нивните пари.
Градоначалник на Општина Кочани,
Николчо Илијев