Механизција на градежната фирма „Бетон“ ги врши последните подготовки за асфалтирање на патниот правец од Оризари до месноста Добра Вода.
Моментално се работи на последните делови од трасата, а според изведувачот се очекува до крајот на месецот патниот правец целосно да биде завршен.
– Изведувачот на работите интензивно работи на градежните работи на терен кој е комплициран и карпест. На патниот правец направени се 11 пропусти за вода, а според изведувачот се очекува истиот целосно да биде завршен до крајот на месецот. Со ова граѓаните ќе добијат квалитетен пат кој ќе служи долги години и ќе биде од огромно значење за сите, изјави гадоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од два километри и ширина од 3,5 метри. Со асфалтирањето, делницата ќе добие и соодветна информативна и патна сигнализација.
Изградба на патниот правец е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, а средствата се одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
И. Матеничарски