Изведувачот на градежните работи на локалниот патен правец од Кочани до Мојанци, „Стоименов“, денеска ги пополнуваше дупките со асфалт и го подготвуваше теренот за асфалтирање.
Градоначалникот Николчо Илијев, при увидот на активностите истакна дека застојот во работите на овој пат не беше по ничија волја и донесе многу оправдани реакции.
– На почеток се појавија неочекувани технички проблеми поради изведбата на колекторскиот систем, а потоа проблемите со коронавирусот, што предизвика доцнење во реализацијата на сите проекти. За наша среќа и задоволство на граѓаните, ниту еден планиран проект не е откажан. Сите ќе бидат реализирани и по олабавувањето на мерките, веќе голем дел од изведувачите продолжија со работите на сите проекти и очекуваме со мало оправдано задоцнување, сите проекти да се завршат. Им се извинуваме на мештаните од трите села, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, кои најдиректно ги чувствуваа тешкотиите од поправките на патот. Очекуваме добрите намери со кои е преземена иницијативата за реконструкција на овој локален патен правец, наскоро да бидат остварена цел – соопшти Илијев.