Со празнична богослужба и Света архиерејска литургија во храмот „Св. Вмч. Георгиј“ на која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г-дин Иларион во сослужение на повеќе свештеници кочанскто архиерејско намесншиство, започна верското одбележувањето празникот на градот – Петровден.
По литургијата свештениците и верниците се упатија на Петровденска литија со иконата на светите апостоли Петар и Павле во Паркот на револуцијата, кај фонтатана каде се наоѓа мозаикот со ликовите на апостолите.
Во присуство на голем број верници беше пресечен славскиот колач и беа упатени молитви до светите апостоли за здравје, берикет и среќа на верниците.
– Благословен е оној народ којшто има светители, молитвени застапници, кој преку нив е близок со Господа и чекори кон Господа и го освојува царството небесно и вечноста. Да ја чуваме верата Христова, учењето апостолско, да ги браниме вистините и национални и духовни и да го проповедаме словото Божијо. Ви посакувам здравје, багослов и успех во животот. Нека е честит и вечен празникот – рече митрополитот брегалнички г-дин Иларион пред присутните верници.
Во чест на празникот на градот, утре во храмот Св Вмч. Георгиј ќе биде отслужена Света Божествена архиерејска литургија.
И. Матеничарски