Петровденска литија и кршење на славскиот колач по повод празникот на Кочани

Со празнична богослужба и Света архиерејска литургија во храмот „Св. Вмч. Георгиј“ на која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г-дин  Иларион во сослужение на повеќе свештеници кочанското архиерејско намесншиство, започна верското одбележувањето празникот на градот – Петровден.

По повод празникот на градот, по завршување на литургијата  беше организирана литија во Паркот на револуцијата, каде пред фонтаната и мозаикот со ликовите на светите апостоли Петар и Павле беше осветен и пресечен славскиот колач.

Празникот Петровден на присутните им го честита митрополитот Брегалнички г. Иларион.

– Користам прилика на градоначалникот и на сите луѓе во градот Кочани и околните места да им го честитам празникот на градот посветен на светите апостоли Петар и Павле, посакувајки да ве чуваат и пазат и понатаму да ви даруваат душевно и телесно здравје, да се молат на Бога и за градот Кочани и целата вселена, испросувајки мир и благосостојба.  Дај Боже по нивните свети молитви верата Христова да се утврди во сите нас и сите ние да постанеме жив храм. Како што вели Апостолот Павле, не живеам јас туку Христос во мене. Православието и единството да се зацврсти и да престанат сите поделби, недоразбирања и војни во светот. Нека е честит, вечен и благословен празникот. За многу години, рече митрополитот Брегалнички господин Иларион.

Во присуство на голем број верници беа упатени молитви до светите апостоли за здравје, берикет и среќа на верниците.

Во чест на празникот на градот, утре во храмот „Св. Вмч. Георги“ј ќе биде отслужена Света Божествена архиерејска литургија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: