Со празнична богослужба и Света архиерејска литургија во храмот „Св. Вмч Георгиј“ во Кочани на која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г-дин Иларион во сослужение на повеќе свештеници од Кочанско, започна одбележувањето празникот на градот – Петровден.
По литургијата свештениците и верниците се упатија на Петровденска литија со иконата на светите апостоли Петар и Павле во Паркот на револуцијата, кај фонтатана каде се наоѓа мозаикот со ликовите на апостолите.
Овде беше пресечен славскиот колач и беа упатени молитви до светите апостоли за здравје, берикет и среќа на верниците.
– Ви го честитам празникот на градот, Петровден, посветен на Светите апостоли Петар и Павле. Да се молиме во Христа Бога за мир и благослов во светот, во душите наши, за здравје на болните и благосостојба во нашиот град, татковина и насекаде во светот. Нека Господ Бог по молитвите ни подари душевно и телесно здравје и многу радосни и весели да го славиме и прославуваме празникот на градот, празникот на Светите Апостоли. Нека е честит и вечен празникот – рече митрополитот брегалнички г-дин Иларион пред присутните верници.
Во чест на празникот на градот, утре во храмот Св Вмч. Георгиј ќе биде отслужена Света Божествена архиерејска литургија.
И. Матеничарски