Денес во месноста Кај Дабот во селото Бели, Кочанско, се одржа првата од планираните две годишни средби на членовите на ЛК „Копнеж“ кој работи во рамките на ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани со литературни творци од неколку литературни клубови со кои кочанскиот клуб има долгогодишна и успешна соработка. На оваа средба присуствуваа литературни творци од асоциите на писатели од Штип, Струмица, Велес и Прилеп.
Покрај презентацијата на лични творби беше договорено издавање на публикација како траен отпечаток на оваа книжевна дружба.

Настанот беше збогатен со музика од гитарите на Борис Стоименов од Оризари и Методи Вражалски од Кочани, ќемането на Атанас Георгиев и настапот на фолклористите од АТМИ „Митко Алексов“ од Кочани. На средбата беа присутни и екипи на Црвениот крст на Македонија и Доброволното противпожарно друштво од Кочани.
Организацијата на овој настан материјално ја помогнаа повеќе фирми и поединци од Кочани и Штип и селата Соколарци, Горни Подлог и Зрновци.
Оваа меѓуклубска средба на книжевните творци беше дел од Општинската програма „Петровденски конаци“ која се реализира по повод празникот на градот Петровден. Втората ваква средба се планира да биде одржана во месец октомври во рамките на програмата на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
