Петровденски планинарски марш до врвот Китка на Осоговските Планини

Стотина планинари, рекреативци и вљубеници во природата зедоа учество на 16. Традиционален Петровденски марш што во организација на Планинарско – спортскиот клуб „Осогово“ – Кочани денеска се реализираше до врвот Китка (1903 м.н.в) на Осоговските Планини.

Стартот на маршот започна од манастирот Еленец, село Горна Цера, Македонска Каменица откаде се планинареше претежно низ шумска обележана планинарска патека  на падините на Осоговските Планини. Патеката беше од средно лесна категорија со вкупна должина од 14 км. во двата правца, а планинарите со попатни паузи и задржување на врвот Китка ја поминаа за 6 часа.

На враќање во манастирскиот комплекс Еленец организаторот на настанот за учесниците на маршот организираше планинарска дружба, со музика и традиционално планинарско гравче. Од страна на ПСК „Осогово“ – Кочани беа доделени благодарници на учесници и помагатели на 16. Традиционален Петровденски марш како и благодарници за најмладиот и највозрасен планинар.

Посебни благодарници беа доделени на планинарите Тошо Антов и Зоран Николов кои пред две седмици во рамки на еднонеделна експедиција искачија три врвови на Алпите.

На маршот учествуваа претставници на планинарско – спортски клубови и рекреативци од регионот како и љубители на планината.

Настанот се реализираше со поддршка на Општина Кочани, во рамки на програмата за одбележување на патронот на градот Кочани, Петровден.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: