Ние граѓаните на населба Трајаново Трло изразуваме незадоволство поради загрозувањето на нашата животна средина.
Во и околу нашата населба постојат 3 големи и од 5 до 10 помали нелегални депонии. Загадени се плодни, шумски земјишта, зелениот појас над населбата, површини блиски до улиците по кои поминуваме секој ден соочени со неподнослива реа, газејќи по растечени фекалии. Факт е дека депониите се создавани со години и прашуваме на што се должи непостапувањето на институциите сево ова време?
Органите кои се одговорни за заштита на животната средина должни се да ги спречуваат, контролираат, намалуваат и санираат сите облици на загадување на животната средина. Нашиот однос кон животната средина е однос кон заедницата. Од незаинтересираноста на институциите кон се што ги повикува на одговорност и дејствување се гледа игнорантскиот однос кон животната средина, со тоа и кон заедницата.
Како цивилно друштво сведочиме дека одговорноста кон животната средина кај поединци отсуствува но со тоа е загрозен квалитетот на животот на стотици граѓани кои бараат системот за заштита на животната средина застапуван од локалните власти да им обезбеди право на живот и развој во здрава средина.
Изразуваме незадоволство поради многукратното непостапување на институциите по пријави од нас граѓаните за неконтролираното палење кабли, гуми, пластика и токсичен, тежок отпад кој го загрозува нашето здравје, и поради нетранспарентните процедури за санкционирање на сторителите.
Бараме од Локалната самоуправа и Инспекторатот за животна средина постапка за рекултивација на загаденото земјиште – чистење на сметот, пошумување, редовни контроли ригорозни казни и непопустливо постапување против сторителите. Бидејќи правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право, во поширок контекст и право на целокупно здравје за секој од нас, бараме и ќе бараме одговорност од надлежните се додека промените за здрав животен амбиент не ги почувствуваме во воздухот.
Жители на населба Трајаново Трло