„Пијано трио“ одржа концерт во Кочани

Синоќа, составот „Пијано трио“ одржа концерт во салата на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани. Тројцата академски музичари Диана Мирчевска (виолина), Верица Ајтовска (виола) и Иван Трајковски (пијано) изведоа дела од Дмитриј Шостакович и Астор Пјацола.

На публиката ѝ беше претставена помалку познатата, нежна страна на Шостакович со „Петте дела за две виолини и пијано“, како и дела на револуционерот на модерното танго Астор Пјацола.

– Сметам дека со музиката успеавме да создадеме синергија меѓу нас, изведувачите, инструментите и публиката, една креативна интеракција меѓу композиторот, изведувачите и слушателите. Паузата што ја наметна пандемијата и во концертните настапи покажа дека публиката сака да го надомести тој вакуум – истакнува виолинистката Мирчевска.

Според Верица Ајтовска, потегот на Министерството за култура за пренесување на концертите во локалните средини е за поздрав, затоа што ја потврдува и улогата на Музичкото училиште од Кочани како извориште на кадри.

Вечерва, со почеток во 20 ч., „Пијано трио“ ќе настапи во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, а в понеделник, на 23 мај, е во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура.

Сподели: