Планинарите на ПСК „Осогово“ Кочани, самоиницијативно го исчитија просторот околу Кочанските водопади од смет, што неодговорни посетители го оставаат зад себе додека уживаат во околината на природата што ги опкружува.
Неколкуте вреќи со најразличен отпад говорат за негрижата на поединци кон природата и околината. Еко-акцијата е за поздравување. Од ПСК „Осогово“ упатија апел до посетителите на излетничките места да се однесуваат одговорно кон природата и да не го оставаат сметот позади себе туку да земат со себе и да го фрлат во најблискиот контејнер.
Планинарите на „Осогово“ викендов го искачија и највисокиот врв на Осоговските Планини, врвот Руен на 2252 метри надморска височина. Групата планинари искачувањето го реализираше од рудникот Саса во Македонска Каменица, преку врвот Сокол до Руен, на кружна патека близу 10 километри.
„Осоговци“ деновиве се вклучија и во акцијата „Нахрани 10.000“ каде донираа прехрамбени продукти за социјално загрозени семејства од општината. Во меѓувреме оспособија и планинарска просторија за потребите на клубот на Пониква, на Осоговските Планини.
И. Матеничарски