Членови на Планинарско – спортскиот клуб „Осогово“ , планинари и рекреативци ја реализираа последната планинарска акција за 2023 година искачувајки ги врвовите Сокол (2035 м.н.в) и највисокиот врв на Осоговските Планини, врвот Руен (2252 м.н.в).

Планинарската акција започна од Рудникот „Саса“ на кружна патека со вкупна должина од 15 км. што планинарите со попатни паузи и задржување на врвот Руен ја поминаа за 6 и пол часа. Акцијата се реализираше во зимски услови, од средно-тешка категорија. Планинарите се движеа претежно по снег кој на надморска височина над 2000 метри беше со длабочина и до половина метар. Традиционално планинарите ја зактија и новогодишната елка, лоцирана на самата патека до врвот Руен.

Планинарската акција за искачување на врвови на Осоговските Планини воедно е и заокружување на 2023 година. Во годината што изминува, ПСК „Осогово“ реализираше многубројни тури и маршеви за искачување на врвови во Македонија и странство. Меѓу нив, вреди да се издвои искачувањето на три врва на Алпите од страна на планинарите Тошо Антов и Зоран Николов. Потпишаа меморандуми за соработка со основни училишта во Кочани, маркираа планинарски патеки и поставија обележје на врвот Панаѓур (1669 м.н.в) на Осоговските Планини.

Од ПСК „Осогово“ најавија дека и следната 2024 год. се планирани низа на планинарски тури и маршеви како во државата така и во странство, проекти за промоција на планинарството на Осоговијата како и маркирање на нови и обнова на веќепостоечки планинарски патеки.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов




