Ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ и членови на младинската организација „Единство“ денеска реализираа планинарска тура за искачување на врвот Панаѓур, 1669 м.н.в на Осоговските Планини.
Со поддршка на Планинарскиот клуб „Москито“, планинарската тура започна од Пониква. Маршуата на движењето беше претежно низ шумска обележана планинарска патека се до врвот Панаѓур.

На самиот врв од страна на Доброволната планинска спасителна служба „Осогово“ беше презентирана нивната работа и активност во планината. Едукатори од Црвен крст Кочани на учесниците на маршот им прикажаa теоретски и практични примери за укажување на прва помош во планина.


Патеката до врвот е од лесна категорија и учениците во двата правци ја поминаа за четири часа со попатни паузи и задржување на врвот во должина од 8 км.


Планинарот од планинарскиот клуб „Москито“, Круме Цеков презентираше планинарска опрема како и совети за безбедно движење во планина.

Целта на планинарската тура е да се промовира планинарењето помеѓу учениците од кочанската гимназија и помладата популација, како еден вид спорт и рекреација.
Планинарската тура беше потпомогната од Општина Кочани.
И.Матеничарски
Фото: А. Арсов

