Планинска велосипедска трка „Манданата 2024“ на падините на Осоговијата

Клубот за планинарски спортови „Осоговски Орел“ од Кочани, вчера ја реализираше првата велосипедска трка „Манданата 2024“.

Велосипедската трка се одржа на патека на падините на Осоговските Планини, во атар на селото Речани, во чест на македонскиот револуционер од илинденскиот период, Стефан Мандалов – Манданата кој во септември 1903 загинал на овие простори.

На трката учествуваа стотина велосипедисти од десетина велосипедски клубови од Македонија, возејки на две патеки во должина од 26 и 36 километри со стартно-целна точка во дворот на манастирот „Св. Илија“ во месноста Бочвенец.

Патеката се возеше до месноста Крушка, преку сртот Дл’ги Дел, со спуштање  во Бела река и искачување кон планинското маало Мишино. Во Мишино имаше получасовна пауза со оддавање на почит кон револуционерот Манданата. Потоа се возеше кон Ново Село, покрај манастирите „Св.Димитриј“ и „Св. Симеон“ во селото Костин Дол и враќање во месноста Бочвенец.

Од КПС „Осоговски Орел“ истакнаа дека настанот има промотивен карактер на овој дел од Осоговијата со цел да се претстави како туристичка атракција и погоден терен за ваков вид на спорт. На сите учесниците им беа доделени признанија, а организаторите истакнаа дека планираат настанот да прерасне во традиција.

Сподели: