Жителите на Кочани можат да ја користат апликацијата “мЗаедница”, интерактивната дигитална платформа која им овозможува на граѓаните да придонесуваат за подобра општина и да ги остваруваат своите права.

„мЗаедница“ претставува дигитална платформа, составена од мобилна и веб апликација, која нуди можност за: директна комуникација со општината, интеракција со сите корисници на платформата и поврзување со социјалните медиуми. Преку неа граѓаните можат лесно и брзо да влијаат врз акциите кои општината треба да ги презема, да аплицираат за тековни субвенции и да даваат предлози за подобрување на животот во општината.
Дигиталната платформа нуди три нивоа на акција:
- ПРИЈАВИ – детектирај проблем, пријави го до соодветниот сектор во твојата општина и информирај се за неговиот статус;
- ПРЕДЛОЖИ- предложи своја идеја за решавање на проблем и
- АПЛИЦИРАЈ за тековна субвенција објавена од општината.
Мобилната апликацијата е бесплатна за преземање преку Google Play https://goo.gl/Y9qhpE и App Storе https://apple.co/2SbERqJ за корисниците на сите паметни телефони. До веб апликацијата се пристапува преку следниот линк: www.mzaednica.mk.
„Ги повикуваме граѓаните на општина Кочани да ја преземат “мЗаедница”, да креираат свој профил, да се уверат во едноставноста за комуницирање со општината, и секако, да се охрабрат, да влијаат и да придонесат за подобра заедница, за сите. Среќни сме дека Општина Кочани е наш партнер и дека граѓаните на оваа општина ќе можат да ја користат дигиталната платформа”, велат од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, одговорни за развојот на “мЗаедница”.
„мЗаедница“ успешно се користи во општина Карпош и Валандово, а е прилагодлива за секоја општина и на било кој јазик/ци по потреба. „мЗаедница“ е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локално ниво за носење на одлуки врз база на податоци“ имплементиран од страна на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
За повеќе информации граѓаните може да се информираат на веб страница https://www.mzaednica.mk/ и Facebook страница https://www.facebook.com/mZaednica.