Второлигашот „Осогово“ денеска на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани ги започна подготовките во пресрет на почетокот на натпреварувачката сезона во Втората Македонска фудбалска лига.
На терените на стадионот во Кочани, на првата прозивка на стратегот Ефтим Аксентиев се одзваа 18 –тина фудбалери, меѓу кои нови лица и повратници во „жолто – сините“.
– На првиот тренинг се пријавија 18 играчи, целиот период на подготовки ќе ги поминеме на стадионот „Никола Мантов“. Во рамки на подготовките закажани се две пријателски средби со екипите на „Каменица Саса“ во Кочани и „Крушевац“ на стадионот во Пехчево. Повратникот Јован Дојчинов од „Слога“, Славче од екипата на „Беласица“ и два три играчи кои се дојдени на проба и преговараме со четири искусни играч ќе направиме напори да донесеме квалитетни играчи во „Осогово“. Имаме доволно време физички да се подготвиме за стартот на првенството. Ќе работиме максимално професионално за да се задржиме во Втората лига константно, истакна Ефтим Аксентиев, стратег на второлигашот „Осогово“.
Од „Осогово“ информираа дека приоритет во новата сезона е задржување во Втората Македонска фудбалска лига и амбиции за средината на табелата, при што истакнаа дека амбициите на „Осогово“ се да биде дел од второлигашкото друштво константно.
– Организациски со сигурност можеме да кажеме дека клубот спремно ќе ги дочека предизвиците кои ги носи Втората лига. Разговаравме со локалната самоуправа, приватниот сектор и со неколку други спонзори од кадешто се надеваме дека финансиската констуркција што е потребна ќе ја заокружиме во целост, истакна Перо Георгиевски, од управата на „Осогово“.
Почетокот на првенството во Втората Македонска лига според најавите е закажано за 12 август.
И. Матеничарски