Повторно никна дивата депонија во населбата Трајаново трло

Повторно никна дивата депонија кај Повеќенаменското игралиште во населбата Трајаново трло во Кочани.

Еден полн контејнер и расфрлан отпад е денешната слика од депонијата кај Трајаново трло, за што сведочат и фотографиите од лице место.

Комунален отпад, градежен шут и остатоци од мебел е само дел од отпадот кој ја грди сликата во овој дел од градот.

Неодговорноста на дел од жителите кои живеат во блиската околина на депонијата продолжува,  а комуналните служби од Општина Кочани освен со неколку опомени, засега го толерираат неодговорното однесување  на граѓаните. Со оглед на фактот дека се работи за густо населена околина, надлежните служби треба да размислат и за поставување на повеќе контејнери за отпад, со цел да се избегне претворање на просторот во големо ѓубриште.

Во последната акција на КЈП „Водовод“ во месец февруари, од просторот беа изнесени 8 камиони со отпад и истиот беше израмнет со машини.

Денешната слика е поинаква и е последен аларм до инспекциските служби дека опомените не вродуваат со плод и треба да се премине на санкцонирање на сторителите.

И. Матеничарски

Сподели: