Повторно ставено во функција Ковид одделението, можно е отворање на модуларната болница од следната недела

Со зголемувањето на бројот на заболени со Ковид 19 во целата држава, но паралелно и со полнење на капацитетите на Инфективното одделение во Штипската клиничка болница и модуларната во Штип, почнаа хоспитализациите и во кочанската болница поточно на  интерното одделение. Во  интерното, односно  одделението пренаменето во ковид може да се  примаат вкупно 25 пациенти. Во моментов се хоспитализирани 9 болни од ковид и сите се со полесна клиничка слика, информираше за „Гласно“ директорот на кочанската болница Александар Серафимов.

Модуларната болница уште пред десетина дена е подготвена за пуштање, но Серафимов рече дека постојано се во контакт со Инфективното од Штип и засега ги згрижуваат  на одделението  во Кочани, но ако има голем наплив на пациенти се очекува идната недела и модуларната болница да биде ставена во функција.

Во последните 24 часа во државата има вкупно 674 новорегистрирани случаи од кои 7 во Кочани. Вкупен број на активни случаи на коронавирусот  во моментов се 124 и сите се со полесна клиничка слика.

Вакцинацијата во вакциналните пунктови во кочанската болница се одвива нормално и има доволен број вакцини и ревакцини од производителите Фајзер, Астра Зенека и Синофарм, информираше Серафимов. Паралелно тече и  теренската вакцинација на пунктови во селата и населените места а за неподвижните и тешко болните лица вакцинацијата се извршува и во домашни услови.

Сподели: