Во Центарот за култура „Бели Мугри“ вечерва официјално беше подигната завесата на јубилејното 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
На официјалното отворање на фестивалот на драмскиот аматеризам, свое обраќање пред присутните гости имаа претседатеката на Управниот одбор на ДАФ, Кристина Атанасова Арсова и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој воедно и го прогласи фестивалот за отворен.
– Во свет кој се повеќе се обликува со дигитализација и технологија ние се собравме овде за да ја прославиме формата на уметноста која останува решително и убаво аналогна. Театарот е жив, во време кога екраните доминираат со нашето внимание и виртуелните искуства проникнуваат во секојдневието театарот стои како моќен потсетник за неизмеливата магија што се развива кога актерите ќе го заземат местото на сцената. Театарот секогаш имал волшебно место во општеството, воодушевувајки ја публиката, разбудувајки ги емоциите и разгорувајки ја имагинацијата. Да ја славиме автентичноста, интимноста и суровата убавина на театарот, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.
На годинашното јубилејно 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија ќе настапат вкупно 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави ќе бидат прикажани во натпреварувачки и две во ревијален дел.
– Се чуствувам почесен што овде во Кочани одбележуваме шест децении од фестивалот на драмскиот аматеризам. Фестивалот кој почнал во Битола, па продолжил во Скопје, Титов Велес, Штип и неколку години мирувал, а од 1977 година е овде во Кочани. Ова е фестивал што жилаво преживувал многу години и разни општествени превирања, на наше големо задоволство се уште е овде. Затоа што театарот и културата постојат заради вас граѓаните. Фестивалот на драмски аматеризам продолжува да живее затоа што аматеризмот е основата, јадрото на развој на врвните актери и професионалци, а општина Кочани продолжува да дава силна поддршка. Шеесетиот Драмски аматерски фестивал го прогласувам за отворен, рече градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Управниот одбор на ДАФ додели благодарници за особен придонес и поддршка во развојот и организацијата на ДАФ на Општина Кочани што ја прими градоначалникот Папазов како и на Благој Пенов.
Во присуство на љубители на театарот, актери, режисери и граѓани на сцената на националнат установа беше одиграна претставата „Синиот портокал“ на на театрот Јордан Х.К Џинот“ од Велес. Претходно, во Паркот на револуцијата беше прикажан театарско – музички перформанс „Театарот е жив“.
Во програмата на натпреварувачкиот дел во следните седум дена ќе настапат театри и театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, потоа од Прокупље, Ниш и Шид од Република Србија, како и од Вуковар од Република Хрватска што на фестивалот му дава и меѓународен предзнак. Надвор од конкуренција ќе учествува народниот театар од Велес, како и една театарска група од Турција.
На годинашното издание на ДАФ ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов