Боречкиот клуб „Спартак“ од неодамна повторно започна со своите редовни тренинзи по двегодишна неактивност поради пандемијата со Ковид -19.
Во обновените простории во склоп на спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“, млади борачи со поддршка на поискусните членови на „Спартак“ тренираат и учат боречки вештини и ја одржуваат својата физичка спремност.
Пред повеќе од еден месец, БК „Спартак“ избра и нов Управен одбор што го предводи претседателот Зоран Сребренов, при што се прават напори екипата да мобилизира што повеќе млади лица и поранешни борачи и да се врати на старите добри патеки.
– Приоритетите на новиот Управен одбор е опремување на борачите со спортска опрема што веќе е обезбедена. Првично ќе се фокусираме на кондициона и физичка подготовка на борачите како и запознавање со борењето и борачките вештини. Нашите планови се борачите да настапат на пионерските првенства. Боречкиот спорт во Кочани има традиција и можам слободно да кажам дека има голем интерес кај младите за изучување на оваа вештина. Воедно секој кој сака да ја учи оваа боречка вештина, БК „Спарктак“ тоа го овозмужува бесплатно. Оваа прилика сакам да ја искористам да истакнам дека имаме целосна поддршка од Боречката федерација на Македонија за подигање на нивото на борењето во Кочани и враќање на старите патеки, истакна Гоце Ангелов, секретар на БК „Спартак“.
Од раководството на БК „Спартак“ го истакнаа задоволството што конечно активностите се интензивираат со надеж дека што поголем број на млади лица ќе се приклучат кон обновената екипа.
Успешниот настап на Државното изборно првенство за млади до 20 години каде БК „Спартак“ учествуваше со четворица натпреваручи кои освоија две втори места во своите категории е потврда за напорната работа и напредок кој претстои на кочанскиот боречки клуб.
Од БК „Спартак“ – Кочани најавија дека на 5 и 6 март во Кочани ќе се одржи Државното првенство за јуниори каде ќе учествуваат боречки клубови и борачи од Македонија.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов