Подрачната библиотека во Оризари ги прогласи најдобрите читатели во 2023 год.

ЈОУ Библиотека „Искра”, подрачна библиотека во н. Оризари, денеска го одбележа 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право, избран како датум во чест на двајцата великани на светската книжевност Вилјам Шекспир и Мигел де Сервантес кои со своите дела го задолжија човештвото, а починале на 23 април 1616 година.

Под покровителство на УНЕСКО, 23 април е назначен за Светски ден на книгата и авторското право и за прв пат е прославен во 1995 година.
Нашата библиотека со неколку програмски содржини, традиционално го прославува овој ден.

Целта е да ги промовираме книгите, да ги доближиме до читателите и да ја оддадеме нашата почит кон творештвото и литературната традиција.
Најпрво беа доделени награди и дипломи на најдобрите читатели во подрачната библиотека во н.Оризари за 2023 година.

Оваа година на наше големо задоволство, за прв пат имаме и категорија предучилишна возраст и најдобар читател е Ања Минова. Во категоријата училишна возраст, најдобар читател е Теодора Новакова, а во категорија возрасни Симона Стоименов.

Активностите продолжија во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Оризари со реализација на прекрасно интерактивно предавање за креативно пишување „Твориме заедно“ кое се реализираше со авторката Елеонора Николовска. Учесници на истото беа учениците од VIa и VIб одд.

Програмата ја завршивме во преполната просторија, пред многубројните љубители на поезијата во ЈОУБ „Искра”-Кочани со прекрасната промоција на збирката поезија „Моето алтер его” од авторката Елеонора Николовска. Модератор на промоцијата беше Оливера Јовановска, промотор Славица Цветковска.

Промоцијата беше збогатена со преубавите музички изведби на учениците од ООМУ „Ристо Јуруков“ Кочани, Евгениј Стоименов Јосифовски, стихови ни презентираа Лиле Стоименова и Ангела Василкова.

Им благодариме на сите учесници кои придонесоа да се реализираат програмските активности посветени на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право.

ЈОУ Библиотека „Искра”

Сподели: