Под мотото „Кочанска скара на сончогледови пелети“ кочанчани протестираа против аерозагадувањето пред Државниот инспекторат за заштита на животна средина во Скопје

Група на граѓани, членови на Иницијативата за чист воздух во Кочани, под мотото „Кочанска скара на сончогледови пелети“ организираа протест пред Државниот инспекторат за заштита на животна средина во Скопје, за да го искажат незадоволството на граѓаните на Кочани поради континуираното загадување на воздухот од компанијата „Пејпр мил“.

Преку протестот тие испратија порака до надлежните во Државниот инспекторат за неколкугодишниот проблем и нивната пасивност во спречување на загадувањето на воздухот, но и на о и нарушувањето на квалитетот на водата во реките и почвата во регионот.

– Протестот го реализиравме како уметнички перформанс, при што симболично изложивме црни стебла од сончоглед и рентгенски снимки од оштетени органи за дишење, со што сакаме да укажеме дека користењето сончогледови пелети како енергенс во фабриката за хартија, ги зацрнува белите дробови на нашите граѓани. На случајните минувачи им делевме ќебапчиња затоа што загадувањето на воздухот во Кочани се оправдуваше со чадењето на скарите од угостителите. Нашата цел е сериозно да укажеме дека не се преземаат никакви мерки против нарушувањето на животната средина, а цената за тоа ја плаќаме сите со нашето нарушено здравје, исткна Орце Николов, претставник од иницијативата „За чист воздух во Кочани“.

Граѓаните тврдат дека веќе неколку пати пратиле пријави до  Државниот инспекторат за животна средина, меѓутоа повратна реакција нема. Тие јавно, од протестот, испратија порака до инспекторатот да си ја врши својата работа.

Институционално, бараме да се реши проблемот. Процес е почнат во судот во Кочани, чекаме решение, да видиме до кај сме стигнале со таа одлука од судот, бидејќи еден предмет е вратен од Апелација од Општиснкиот Суд во Кочани и стои скоро две години, изјави Милан Димовски – граѓанин на Кочани.

Во меѓувреме граѓанската иницијатива собира потписи што како петиција ќе бидат приложени до странски амбасади и надлежни интитуции во државата.

И. Матеничарски

Сподели: