Во пресрет октомври, месецот за борба против ракот на дојката, локалниот огранок на здружението „Борка – за секој нов ден“ од Кочани, под мотото „Трка за лек“ традиционално организираше Розова прошетка, настан преку кој се промовира раното откривање и превенција на ракот на дојката, но и давање на поддршка на сите што во моментот се борат со болеста.
Настанот започна од Градскиот парк, а продолжи по улицата „Маршал Тито“ кон мостот кај Шопинг-центарот од каде, во знак на поддршка на сите што се борат против ракот на дојката беа пуштени розови балони.
– Во пресрет на месец октомври, Здружението „Борка – за секој нов ден“ како и секоја година така и оваа ја продолжува манифестацијата 13 –та по ред за одбележување на месецот кој е назначен за месец за борба против рак на дојката. Настанот Розова прошетка, преку пешачење и трчање за лек традиционално се одржува на локално ниво. Целта е да се подигне свеста кај целокупната популација дека раното дијагностицирање на ракот во поран стадиум е излечливо, затоа сите граѓани, сите жени и мажи ги повикуваме редовно да вршат прегледи, за да може болеста да се надмине и успешно да се изборат со ракот на дојка, истакна Валентина Андонова, коорднаторка на локалниот огранок на „Борка“.
По повод месецот за борба против ракот на дојката, Розови прошетки освен во Кочани денеска се организираат и во повеќе градови низ државата.
-Се повеќе се развива свеста помеѓу женската и машка популација за раната превенција на карциномот бидејки превенцијата е најбитна во процесот на лекување. Ковид-19 влијаеше на прегледите и редовните контроли, но веќе кај популацијата се развива свеста дека не е само Ковид болест, туку тука се и сите останати болести. Битно е да се прават редовни котнроли, за да може болеста навремено да се открие и лечи. Апелирам дека редовните контроли и превенцијата се најбитни. Здравјето секогаш е на прво место, истакна Д-р Драгана Могилевска Груевска.
Од локалниот огранок на здружението „Борка“ изразија благодарност до Локалната самоуправа на Кочани и локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за поддршката во реализација на розовиот настан.
И. Матеничарски