Со цел да се спречи можноста за ширење на болеста КОВИД-19, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев иницира нова акција за дезинфекција на производните хали во кочанскиот приватен сектор.
– Подготвени сме да им помогнеме на стопанствениците, во чии простории се одвива производството, каде присуството на лица е големо, со тоа што ќе обезбедиме бесплатна дезинфекција на работниот простор. Акцијата ќе ја реализираме со Територијалната противпожарна единица – Кочани, за која обезбедивме и опрема и средство за дезинфекција. Потребно е компаниите да се пријават на телефонскиот број на командирот на Единицата, 072 275 686 за да се усогласат за терминот за дезинфекција – соопшти градоначалникот Илијев.
Општина Кочани продолжува да ги спроведува превентивните мерки од Владата и од Кризниот штаб за спречување на заразата од коронавирусот. Бројот на лица од Кочани коишто се во самоизолација е намален на 61 лице. Градскиот пазар останува затворен втора недела, а воведена е и редукција во јавниот градски превоз на две поаѓања на постојните релации во утринскиот и во вечерниот термин.
Градоначалникот Илијев упати благодарност до сите совесни граѓани за почитувањето на мерките за безбедно однесување во услови на пандемија и на вонредна состојба во нашата држава и повика сите, со одговорно однесување да се грижиме за своето, а со тоа и за јавното здравје.