Кочанските пожарникари и доброволци денеска имаа полни раце работа преку истовремени интервенции на гаснење на четири пожари на повеќе локации во Кочанско. Стануваше збор за три интервенции на запалени жетвени остатоци во атарите на селата Грдовци, Мојанци и Кучичино и гасење на пожар во куќа на улицата „4-та Македонска бригада“ во Кочани.
Неодговорноста на земјоделците кулминираше кога во исто време на повеќе локации низ Кочанското Поле се палеа жетвените остатоци на стрништата. Со тоа директно се доведуваа до опасност многу објекти и земјоделски насади во околината, па поради тоа во мобилност беше ставен целиот човечки и материјален капацитет на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
– Во попладневните часови имавме четири интервенции во исто време на неколку локации во Кочанско. Земјоделците извршија масовно палење на жетвените остатоци во атарите на селата Грдовци, Мојанци и Кучичино кога мораше да интервенираме истовремено. Во исто време добивме дојава за пожар во куќа на улицата „4-та Македонска бригада“, но и покрај зафатеноста на единицата навремено интервениравме со поддршка на волонтерите – доброволци од Доброволното противпожарно друштво. Поради нечија неодговорност се нанесува штета на животната средина, а поради зафатеност на единицата за гасење на пожари на отворен простор се доведува во ситуација едвај да се интервенира на пожар како што беше денеска во објект на „4-та Македонска бригада“, истакна Влатко Јефтимов, заменик-командир на ТППЕ – Кочани.
Од ТППЕ – Кочани апелираат до земјоделците на совесно и одговорно однесување и во никој случај да не се палат жетвените остатоци во полето. Воедно, се апелира и до домаќинствата, особено во овој период на годината да се внимава како се управува со грејните тела кои се едни од најголемите причинители на пожари во објекти во зимскиот период.
И. Матеничарски