Пожарот кај селото Тркање се става под контрола говорат последните информации од терен.
Огнената стихија која најпрвин започна со пожар кај селото Бели и се прошири над ридот кај Драчевиќ заврши во Тркање. Надлежините служби ноќва остануваат на терен до рано наутро за кога е најавено ангажирање на армиски хеликоптери за целосна ликвидација на пожарот. Во моментот нема опасност од загрозување на селото Тркање и огнот се држи под контрола.
Претседателот на Владата Зоран Заев на заедничка прес-конференција од Кочани со министерот за здравство Венко Филипче, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев соопшти дека сите единици ноќва ќе останат овде за да дејствуваат и да ја контролираат состојбата, но и да ги направат проценките за утрешното дејствување на воздухопловите.
– Ветерот сега стивна, но се очекува ветар и утре, затоа треба да бидеме претпазливи и да го превенираме секое жариште што може да биде опасно. Државата ќе најде начин да ги обештети опожарените објекти – изјави премиерот Заев.
– Пожарот околу градот е под контрола, а службите кои во голем број се дојдени од цела држава ноќва ќе дежураат. Сега ни е приоритет целосно гасење на пожарот – да го локализираме и целосно да го ликвидираме, а подоцна ќе ги проценуваме штетите и обештетувањето. Најбитно е да го осигуриме градот – сите единици се овде на терен – ќе го спасиме Кочани. Солидарноста е повеќе од потребна, имаме поддршка и морална и техничка и ќе се справиме со оваа стихија и сите заедно ќе бидеме победници. Упатувам благодарност до сите наши сограѓани кои помогнаа и помагаат во гасењето на пожарот, до војската и полицијата, до ТППЕ од Кавадарци, Велес, Штип, Пробиштип, Македонска Каменица, Виница, Скопје – изјави доцна ноќва на прес-конференција Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Пожарот претходно стигна до првите куќи на ридот Драчевиќ од кои на една целосно и е изгорена кровната констуркција, а изгореа помошни просории и штали со крупен и ситен добиток. Штетите од пожарите ќе се утврдуваат дополнително за што од Владата веќе најавија обештетување.
Во моментот акитивен пожар има и во атарот на село Костин Дол предизвикан од паднат далековод, но за негово гаснење ќе се чека утрото кога е планирано да се интервенира со хеликоптер.
И. Матеничарски