Преку симулирана евакуација, гасење на пожар, извлекување на поврдени лица и укажување на прва помош, СОУ„ Гошо Викентиев“ ја тестираше и увежбуваше подготвеноста на институциите и училиштето за евакуација во случај на настанат пожар или друга елементарна непогода.

Во просториите на средното училиште, според замисленото сценарио се интервенираше на гасење на пожар на горните катови од училишната зграда. За таа цел се изврши евакуација на вработените и ученици, а на симулирани случаи на повреда прва помош укажуваа волонтери од Црвен крст Кочани.

– Целта на акцијата беше во случај на пожар како вработените и учениците безбедно да се евакуираат, но и да се испита подготвеноста на службите за реакција во случај на било каква елементарна непогода. Симулациската вежба се организираше со поддршка на Територијалната противпожарна единица – Кочани, Црвен крст, Министерството за внатрешни работи, Дирекција за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и поддршка на Младинската организација „Авангарда“ при училиштето – истакна Спирко Златков, директор на СОУ „Гошо Викентиев“.

За успешно реализирање на симулациската вежба во целосна приправност беше ставена Територијалната противпожарна единица – Кочани кои интервенираа со сите расположливи човечки ресурси.

– На вежбата учествуваа 13 пожарникари – спасители, со три возила за интервенции. Вежбата ја оценивме како успешна што се и покажа на самиот крај. Вакви симулациски вежби периодов спроведуваме во повеќе воспитно – образовни институции во општината со цел тестирање и увежбување на евакуација и гасење во случај на ваков вид на непогода – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Тактичко – показната вежба се реализираше со поддршка на младинската организација „Авангарда“ при СОУ „Гошо Викентиев“.


