Полицијата им го честиташе 8 Март на жените возачи во Кочани

По повод  8 Март, Меѓународниот ден на жената, полициски службеници од Полициската станица – Кочани реализираа празнично – едукативна акција под мотото „Жените возат одговорно“, преку која на жените учесници во сообраќајот им го честитаа денешниот празник.

На булеварот „Тодосија Паунов“ кај Автобуската станица, сообраќајни полицајци ги запираа жените возачи при што им го честитаа денешниот празник подарувајки им симболични подароци и флаери со  едукативна содржина.

-Традиционално по повод  8 Март, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата  на жените возачи им го честита Меѓународниот ден на жената. Им подаруваме симболични подароци, заштитна маска, мирис за во автомобилот  и едукативни флаери. Денешната акција е под мотото „Жените возат одговорно“, истакна Кирил Атанасов, секретар на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата .

Атанасов додаде дека според статистиката на МВР, жените се поодговорни учесници во сообраќајот. Во делот на сообраќајните несреќи учеството на жените  е околу 20% од вкупниот процент незгоди.

„Жените многу ретко возат под дејство на алкохол, не возат брзо и агресивно, ретко управуваат без возачка дозвола и тоа се должи на нивната одговорност во сообраќајот“, потеницираше Атанасов.

Акцијата се реализираше од страна на Полициското одделение за безбедност во патниот сообраќај при ОВР – Кочани, во соработка со Одделението за превенција при СВР – Штип, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: