Полицијата и пожарникарите трагаат по исчезнато 26 – годишно момче – се претпоставува дека паднало во десниот магистрален канал

Полициски службеници од Кочани и Скопје и пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани од вчера интензивино трагаат по пријавата за исчезнато машко лице на возраст од 26 години.

Станува збор за лице кое работело во фирма која поставува Фотоволтаични централи во близина на Десниот магистрален канал кај селото Тркање.

Интернет – порталот „Гласно“ од полициски извори дознава дека лицето е пријавено за исчезнато од вчера, околу 17 ч. при што се претпоставува дека паднало во магистралниот канал во близина на Тркање. Полициската потрага започнала веднаш по пријавата, а од утрово ангажирани се дополнителни полициски сили и кучиња – трагачи. Полицијата во моментот го пребаруваат каналот и поширокиот простор во правец на селата Тркање и Жиганци.

Во интерес на потрагата од АД „Водостопанство Брегалница“ – поддружница Кочани го намалуваат дотокот на вода во магистралниот канал со цел олеснување на потрагата по исчезнатото лице.

Освен полицијата од утрово на терен се и пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани. Оттаму потврдија дека во координација со полицијата од утрово учествуваат во акцијата за пребарување на каналот во близина на селата Спанчево и Жиганци. На терен се и пожарникарите – доброволци од Доброволното противпожарно друштво – Кочани и месно население.

Потрагата по лицето продолжува во текот на денот.

И. Матеничарски

Сподели: