Полицијата расчисти дел од настаните од 11 април во населбата Трајаново Трло

Одделението за внатрешни работи – Кочани во соработка со Основното јавно обвинителство во Кочани работи на целосно расчистување на настаните од 11 април во кочанската населба Трајаново Трло.

Од Секторот за внатрешни работи – Штип соопштија дека во текот на вчерашниот ден и денес поднесени се пет кривични пријави за учесниците во дел од крвавите  настани во населбата Трајаново Трло.

Како што информираат од полицијата, „Одделението за внатрешни работи – Кочани поднесе кривична пријава против М.В.(31) и С.Д.(46), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 11.04.2021 во Кочани, во двор на куќа на А.Н. и И.В, пријавените со дрвени предмети го оштетиле патничкото возило „опел“, ја оштетиле куќата со кршење на стакла, по што физички ги нападнале оштетените“.

Во продолжение на настаните, од полицијата соопштија  дека расчистени се уште два кривично-правни настани од 11 април.

 До Основното јавно обвинителство Кочани поднесена е кривична пријава против А.В.(23) од Кочани, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело  „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Според полицијата, „Пријавениот на 11.04.2021 околу 19.30 часот во близина на неговата куќа со вклучена моторна пила се заканувал дека ќе ги нападне Н.Н. и уште неколку лица“.

Кривична пријава од полицијата за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ заработија и Н.Н. (20) и А.Н (20) од Кочани. Од СВР – Штип соопштија дека „Пријавените на 11.04.2021 година околу 20.00 часот на ул.„203“ во Кочани го пресретнале М.В. и  физички го нападнале со дрвен предмет, нанесувајќи му тешка телесна повреда констатирана во Општата болница Кочани“.

Претходно, ОВР – Кочани  поднесе кривична пријава за седум лица кои ги товари за сторено кривично дело насилство врз дете.

Од Секторот за внатрешни работи – Штип за интернет-порталот „Гласно“ соопштија дека полицијата работи на документирање на уште еден настан од 11 април за што дополнително ќе ја информираат јавноста.

Сподели: