Полицијата се уште трага по возачот кој удри во малолетничка и побегна, колку се безбедни кочанските улици?

Полицијата од Кочани се уште трага по возачот кој минатиот четврток на пешачки премин на улицата „Страшо Ербапче“ удри во 12 – годишна малолетничка  и тешко ја повреди.

Незгодата настанала во моменти кога малолетничката се обидувала на неосветлен, но обележан пешачки премин да ја премине улицата, кога засега непознато лице со голема брзина удрило во неа и го напуштило местото на настанот.

-Според очевидци на настанот, возилото се движело со голема брзина во правец накај Стришани. Бидејки пред пешачкиот премин имало парикирано возилa, а преминот е неоветлен возилото ги обиколило паркираните возила, за момент прикочило и  удрило во мојата ќерка, која во тој момент се наоѓала на пешачкиот премин. По ударот возачот го напушта местото на настанот. Мојата ќерка се здоби со скршеница на левата рака и нога и трауми, сега е добро и се опоравува од повредите. Апелирам до сите надлежни институции да се спроведуваат поголеми контроли во сообраќајот. Низ улиците возат малолетни лица и се возат нерегистрирани возила. Сакам настанот да се расчисти до крај, бидејки можеби денеска настрада мојата ќерка, но доколку не се преземат мерки некој нареден ден може да настрада  и некое  друго дете или возрасно лице, истакна Фросина, мајка на 12-годишното девојче повредено во сообраќајната незгода.

Од полицијата за интернет-порталот „Гласно“ потврдија дека се работи на целосно расветлување на случајот и пронаоѓање на несовесниот возач.

-Полицијата  презема оперативни мерки за откривање на сторителот. Интензивно се работи на откривање на возилото и возачот учесник во незгодата. Истрагата е во тек. За исходот од истрагата  дополнително ќе ве информираме, соопшти Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.

По несреќата граѓани реагираа дека улицата „Страшо Ербапче“ е една од најнебезбедните улици во градот каде се вози со голема брзина. Како проблем ги посочија и паркираните возила, особено пред неколкуте продажни објекти на улицата кои влијаат на безбедноста на возачите и пешаците. Граѓаните побараа од надлежните да постават соодветна патна опрема, односно т.н „легнати полицајци“ со цел да се спречи брзото возење по улицата, а полицијата почесто да постапува и да ги  санкцонира непрописно паркираните возила.

-Улицата „Страшо Ербапче“ иако е градска улица според категоризација спаѓа како дел од  регионалениот пат Зрновци-Пониква. Според последните измени на Законот предвидено е дека т.н  „легнати полицајци“  може да се постават и на регионални патишта. Процедурата е следна, иницијативата ја покренува локалната самоуправа според проценките при што се бара согласност и мислење од Министерството за внатрешни работи за поставување на таков вид забавувачи на брзината, по добиената согласност локалната самоуправа може да ги постави на критичните места, истакна Живко Митев, Државен инспектор за патишта.

Одговор во врска со поставувањето на т.н „легнати полицајци“ побаравме и од овластениот инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани.

– Утврдување на места за поставување вештачки издадености за смирување на сообраќајот (ткн. лежечки полицајци) се темели врз основа на неколу законски акти. Постапката е изработка на проектна документација, конкретно основни сообраќајни проекти за режим на сообраќај и утврдување на места за поставување вештачки издадености за смирување на сообраќајот (лежечки полицајци). По изработената документација се бара согласност од  МВР ОВР ПС Кочани БПС Кочани, СВР Штип и во зависност од добиената согласност се постапува по истата, информираше Жаклина Пауновска Анѓелковиќ, овластен инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани.

Проблемите со непрописно паркираните возила и брзото возење низ улиците во градот се секојдневие за граѓаните на Кочани. Тротоарите за моменти стануваат паркиралишта, додека сообраќајниците во градот места за улични трки.

Реакциите на граѓаните нека бидат последен аларм до надлежните институции за преземање на навремени мерки за превенција и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Поставување на соодветна сообраќајна опрема и сигнализација на критични точки на улиците и поголема  контрола од сообраќајната полиција треба да бидат меѓу првите чекори за враќање на безбедноста на кочанските улици.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: