Претставници на здруженија на оризопроизводители и на оризопреработувачки капацитет од Кочанско денес остварија уште една работна средба, на покана на градоначалникот Николчо Илијев.
Средбата претставуваше продолжување на започнатите активности за анализа на актуелната состојба со пристапните полски патишта и потребните активности за нивно подобрување и дефинирање на потребните позиции за подобрување на каналската мрежа и за обновување на делови од системот за наводнување.
–Ние ги ставаме нашите капацитети на располагање и во наредниот период ќе можат да се прават увиди во плановите, но и на лице место со цел да се подобрат полските патишта и да се олесни транспортот на земјоделските производи. Исто така се ставаме на располагање на земјоделците за поддршка при аплицирањето по претстојниот повик од ИПАРД-програмата за земјоделска механизација, со приоритет за ролобалирачки и машини за сечење на сламата. Овие мерки имаат за цел да помогнат во искористувањето на сламата за потребите на Пречистителната станица за отпадни води и за намалување на спалувањето на стрништата – соопшти градоначалникот по средбата.
Земјоделците ги образложија приоритетните полски патишта и сугерираа модели за соработка во прибирањето на оризовата слама, изразувајќи го притоа задоволството од начинот на комуникација со нив што го применува градоначалникот Илијев.
Директорот на Водостопанство „Брегалница“Дени Митров и раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Горан Миладинов ја истакнаа подготвеноста за соработка во надминувањето на постојните проблеми со полските патиштата и со системот за наводнување.
Градоначалникот Илијев најави континуитет на средбите и разговорите за надминување на проблемите во земјоделството во Кочанско, како и состаноци со високи претставници од ресорното министерство.
Претставниците на стручните служби истакнаа дека 2019 беше есктремно сушна година, а во моментот браната Калиманци располага со 28 милиони метри кубни вода што е околу 23 % од вкупниот капацитет.