По поројните дождови што пред две седмици го зафатија регионот и предизвикаа поплавување на земјоделски површини, локалната самоуправа на Зрновци во соработка со Водостопанство „Брегалница“ – Кочани го санираат речното корито на река Зрновка и одводните канали во општината како превентивна мерка за заштита од идни поплави.
Механизација на Водостопанство „Брегалница“ работи на расчистување и ископ на речното корито на Зрновка за во случај на зголемување на водостојот коритото да може да ја акумулира надојдената вода.
-По извршената регулација на одводните канали во атарот на село Мородвис, продолжуваме со регулација и санирање на речно корито на река Зрновка кое беше оштетено после поројните дождови и притоа поплавени земјоделски површини. Во соработка со Водостопанство „Брегалница“ -Кочани со обезбедени средства за нафта од Општина Зрновци се решава овој проблем на огромен број земјоделци, како и превентивна заштита од идни поплави во текот на зимниот и пролетниот период кој што следи, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Зрновци.
Неодамнешните врнежи од дожд предизвикаа излевање на водата од река Зрновка во земојделски површини при што под вода се најдоа 50 хектари оризови површини. Во близина на вливот во Брегалница, надојдената вода на Зрновка го урнаа и речниот брег во должина од 100 метри што овозможи поплавување на земјоделските површини.