Влезот откај Службата за Итна медицинска помош во кочанската Општа болница ќе биде единствено место од каде пациентите ќе можат да пристапат во зградата на болницата во Кочани.
Според новото упатство од Министерството за здравство кое стапи на сила од понеделник 18 август, сите здравствени установи во државата ќе треба да обезбедат контролиран влез на пациенти во установите.
- ЈЗУ Општа болница со проширена дејност-Кочани во целост го почитува Упатството на Министерството за здравство, во кое меѓудругото се наложува здравствената установа да има само еден службен влез на пациенти во установата. Во болницата во Кочани тоа ќе биде влезот откај Службата за Итна медицинска помош. На влезот се мери телесна температура на сите кои влегуваат во објектот, а исто така има поставено и средства за дезинфекција, се со цел заштита на пациентите и медицинскиот персонал во болницата –информираше директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност-Кочани, Д-р Александар Серафимов.
Воедно, Серафимов додаде дека пациентите со специјалистички и субспецијалистички упат можат да влезат во болницата 15 минути пред закажаниот термин, само со уште еден придружник со нив. Сепак, иако останатите влезови во установата се затворени, тие се отвораат по потреба, секогаш кога екипата на Брза помош носи итен пациент на прием.
На пациентите на располагање им стојат и лифтовите кои се во функција, се со цел полесно движење низ болницата. И во новото Упатство на Министерството за здравство посетите на хоспитализираните во болниците низ државата се строго забранети.
И.Матеничарски