Поради штрајк на железничарите не сообраќа возот на релација Скопје-Кочани

Железничката станица во Кочани оваа вечер ќе остане празна и нема да го прими возот од редовната линија Скопје-Кочани, поради штрајк на машинскиот персонал од  ЈП „ Македонски железници -Транспорт“.

Утринава од 07:00 часот вработените во железницата ја бојкотираат  работата, поради што во целосен прекин е патнички и товарниот железнички сообраќај во целата држава.

Иако утрово  возот од Железничката станица Кочани замина за Скопје според важечкиот возен ред, сепак возот  од Скопје кој попладнево требаше  да тргне назад за Кочани, остана во железничкото депо . Ова  значи дека за утре, 5 февруари од Железничката станица Кочани  не е планирано сообраќање на возот за Скопје.

Вработените во железницата ќе протестираат се до  исполнување на нивното барање за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, а дотогаш железничкиот сообраќај во државата ќе биде во прекин.

И.Матеничарски

Сподели: