Поројниот дожд што попладнево го зафати Кочани предизвика сериозни проблеми на улиците во градот.

Од невремето и силниот ветар на булеварот „Тодосија Паунов“ во близина на техничкото училиште „Гошо Викентиев“ од двор на приватен објект падна дрво при што тротоарот и двете ленти од булеварот се блокирани за сообраќај. Полицијата ги пренасочува возачите на останатиот дел од коловозот на булеварот.

На терен, освен полицијата се екипи од Територијалната противпожарна единица – Кочани кои работат на отстранување на паднатото дрво од коловозот.

Во близина на фабриката „Пејпар Мил“ од надојдените амтосферски води е формирано мало „езерце“ поради што сообраќајот се одвива во отежнати услови, а неколку возила останаа заглавени на сообраќајната лента.

Пороите предизвикаа и проблеми со надојдени води на неколкуте кружни текови во градот каде има насобрано поголема количина на атмосферска вода.
Фото: A. Арсов