„Портрет на еден архитект“  – Изложба во чест на архитектот Александар Сане Гицов

Во Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани попладнево беше отворена изложбата посветена на градскиот архитект Александар Сане Гицов, под наслов „Портрет на еден архитект“.

Фојаето на Центарот за култура беше претесно да ги собере сите почитувачи на ликот и делото на архитектот Гицов, на изложбата која се реализира во рамки на 32. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

– Денеска е свечен ден за љубителите на културата и уметноста во Кочани. Поставката и изложба е во чест на градскиот архитект Александар Гицов, нам познат како Сане, за кој се потрудивме да го прикажеме во едно светло преку неговите објекти прикажани во макети и модели. Изложени се и интервјуа и кажувања за него, од негови пријатели, колеги, соработници, пријатели од студии, за нас едно искуство за него и како професионалец и пријател на градот. Поставката не е моја лична туку е дело на еден голем тим во кој учествуваа студенти од Архитектонскиот факултет на УКИМ, истакна м-р Марија Петрова, дипл. инженер – архитект и асистент на Архитектонскиот факултет во Скопје.

На излжбата беа поставени макети и модели на дел од архитектонскиот опус на Гицов. Станува збор за објекти на архитектот работени и во родниот град Кочани, како зградата на ЗОИЛ – Македонија, денешен Хотел „Сити Ин“, Етно куќата во Кочани, Манастирот Св. Спас во Полаки, споменикот на Никола Карев кај Тркање и други архитектонски зданија.

Настанот е хуманитарен карактер и собраните средства од донации ќе бидат наменети за обезбедување на училишен прибор за ученици од социјален ризик. Реализацијата на изложбата е помогната од „Европа 92“, Мебел „Јумис“ и Кафе бар „ Класик“ и ќе биде отворена за посетителите во наредната седмица.

Александар Гицов како архитект остави значаен белег во Кочани. Неговите стручни и уметнички способности беа препознаени и одликувани со многу меѓународни награди, меѓу кои е наградата за најдобар млад архитект, во Белград, во средината на осумдесеттите години на минатиот век.

Годинава седмосептемвриската наградата на град Кочани за животно дело постхумно беше доделена на архитектот Гицов.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: