На три километри северно од Кочани на патот кон езерото Гратче е почетокот на нетолку познатата, но привлечна планинарската патека „Галабо“, која е лесно достапна и нуди можност за рекреација и прошетка за љубителите на природата.

Патеката започнува под местото Тополник на патот кон езерото Гратче.


Искачувањето започнува од источната страна преку Галабо до Мактеон, по тесна обележана патека и блага стрмнина. Потоа од Мактеон патеката се спушта кон езерото Гратче со живописен поглед на истото, па на север се до Кочанските водопади на Голема Река.


Движењето е претежно низ шумски предел на дабова шума, попатно има и извор на вода и уредно обележани места за движење.

Патеката е класифицирана како средно тешка, нуди убав поглед на околната природа, долга е 7 километри и се поминува за околу 2.5 ч до 3 ч. со попатни паузи.


Пред неколку години истата е маркирана од страна на Клубот за планинарски спортови „Москито“. Периодов што следи најавија дека истата ќе биде дополнително обележана и ќе се направи поширока промоција на истата.

Погодна е за рекреативно планинарење и топло се препорачува за сите кои сакаат да искусат планинарско искуство во близината на Кочани.
И. Матеничарски
