Деновиве постхумно излезе од печат четвртото продолжение на серијалот книги „Богатство запишано во времето“ од авторот и новинар Киро Герасимов.
Делото е печатено во печатницата Европа 92 во тираж од 150 примероци во кое се обработени репортажи и белешки за луѓе, настани локалитети, образование, спорт и теми од секојдненвото живеење на кочанчани.
Книгата „Богатство запишано во времето“ е производ на долгогодишното работење на Герасимов како новинар, кој како хроничар ги собирал материјалите за да ги публикува во посебни книги и да ги сочува од заборавот на времето.
– Оваа книга е четврта и последна од едицијата Богатство запишано во времето од Киро Герасимов, која како и претходните три книги е составена од написи и записи кои биле објавувани во локалните медиуми. Книгата е поделена во шест дела: I Осогово – туристички потенцијал, II Траги запишани во времето, III Чудотворната моќ на верувањето, IV Здравство, V Репортажи и VI Револуционерна активност на осоговскиот терен. Делата објавени од Киро Герасимов се од особена пред сѐ, историска важност и претставуваат вистинско богатство кое е запишивано во времето, но зачувано за идните генерации. Овие негови текстови ќе бидат потсетник на многу значајни личности, настани и појави кои дејствувале и се случувале во Кочани и Кочанско во далечното и блиско минато. Спомените и сеќавањата на современиците исчезнале или се заборавени, но записите направени од Киро Герасимов ќе сведочат за нивното постоење и влијание на овие простори – истакна Љупка Стојменова, рецензент на делото.
Книгата „Богатство запишано во времето“ е издадена со финансиска поддршка од Локалната самоуправа на Општина Кочани преку програмата за култура.