Вкупно 21 студент кои ги исполнуваат условите за добивање општинска стипендија пропишани во Правилникот за стипендирање, денеска ги потпишаа договорите за користење стипендија за студиската 2021/22 год.
Во салата на Општина Кочани, градоначалникот Љупчо Папазов им ги додели договорите на студентите при што им посака успех и ја истакна поддршката на локалната самоуправа и во иднина.
Според Записникот на Комисијата за доделување на студентските стипендии, годинава биле поднесени вкупно 23 пријави, од кои 21 се прифатени, а останатите две не ги исполнувале условите за добивање на стипендија. Најголем дел од стипендиите се за студенти од факултетите за медицински науки.
-Стипендијата изнесува 3000 денари во период од 10 месеци, почнувајки од месец септември до јуни. Општина Кочани и во иднина ќе дава поддршка на студентите преку зголемување и проширување на категориите за стипендирање на учениците, истакна Голубинка Георгиева, раководител на Одделението за јавни дејности.
Одлуката за доделување стипендии на студенти од општина Кочани за студиската 2021/2022 година е објавена на веб-страницата на Општина Кочани.
И. Матеничарски