Доброволна планинска спасителна служба „Осогово“ – Кочани денеска во Инфо – центарот на Пониква ја официјализирше соработката со Планинската спасителна служба од Ќустендил, Р. Бугарија.
Станува збор за потпишување на Меморандум за соработка кој е појдовна точка за заедничко делување на двете спасителни служби од Осоговијата во делот на заеднички обуки, опремување и обезбедување на теренот на Осоговските Планини.
На заедничка прес – конференција на која присуствуваа членови на Националниот сојуз за планинско спасување беа истакнати заложбите за развој на планинско – спасителните служби во регионот, преку прекугранична соработка и преку дијалог изнаоѓање на заедничко законско решение за планинско – спасителните служби.
– Доброволна планинска спасителна служба „Осогово“ – Кочани во моментот брои 35 волонтери – доброволци од кои 15 активни членови кои викенди даваат дежурство на Пониква. Нашата служба потпиша меморандуми за соработка со сите градоначалници на градови под Осоговијата, а денешното потпишување на прекуграничниот меморандум со Планинската спасителна служба од Ќустендил, Р. Бугарија е прв од ваков вид за нашето друштво. Меморандумот е значаен чекор за прекугранична соработка и аплицирање за проекти за развој на нашата служба, истакна Гоце Исајов, претседател на ДПСС „Осогово“ – Кочани.
Антонио Додевски, претседател на Националниот сојуз за планинско спасување истакна дека сојузот го сочинуваат 12 спасителни организации, со специјализирани тимови од различни специјалности како алпинистички, спелолошки, оддел за спасување и потрага со кучиња и сл. Во моментот во Сојузот членуваат 250 волонтери. Функционирањето и финансиската поддршка е преку проектни грантови бидејки се уште недостасува законско регулатива на планинските спасителни служби.
И. Матеничарски